АктуелноИзбор на уредникотИнтервјуКаскадер

Џигер: Ритамот е нешто што сите го имаме во себе

 Како човечки битија имаме срце  и тоа чука во ритам

Талентиран, искрен, човечен и опасно харизматичен.

На 28-годишна возраст неговата кариера веќе има густа содржина, професионално се занимава со свирење тапани речиси цела деценија. Основач е на бендот „Bramha Amity Trio“ и е дел од бендовите „3Ject“ и „Musaiq“, а како „session“ музичар е дел и од „Next Time”. Последно го видовме на “Drum Fest” во МКЦ а за ова време-невреме вели дека се труди да остане со позитивна мисла и во добра физичка кондиција. А нешто последно, познато на јавноста, е песната “Ратата” во соработка со Тони Зен.

Александар Ванчовски, во јавноста познат како Џигер, е млад македонски тапанар, што во последните неколку години блеска на македонската музичка сцена. Своето формално музичко образование го усовршува на џез академијата “Гоце Делчев” на одделот џез тапани, под палката на професор Алек Секуловски. Покрај творењето тој е и инструктор по тапани во Roma Rock School.

Во април издаваат сингл со Bramha Amity Trio како најава за вториот албум со малку сменет состав од претходниот албум. Потоа се поканети со Гоце Стевковски да настапат на All About The Jazz со 3ject. Со 3ject свират и на Jazz Factory Festival во Битола со Bramha Amity Trio што воедно им е прв настап со новиот состав. Потоа издаваат два сингла со 3ject – FlaTTard и видео создадено од неколку многу стари цртани филмови, чиј автор е Наско Џорлев – долгогодишен другар. Второто парче се вика РАТАТА, новата песна со Тони Зен. За оваа песна тие знаеле дека сакаат да имаат гостин што ќе рапува. При случајна средба, одлучуваат дека храбро во овој оган може да влезе Тони Зен. 

“Се слушнавме со Тони, го поканивме да ни гостува и го напиша текстот за неполна недела. Иван Куртевски го направи видеото, без што не би се доловила целата слика на песната. Се надеваме дека до крајот на годинава ќе излезе и албумот.  Полека но сигурно, влегуваме во студио со Bramha Amity Trio да го одработиме и вториот албум.” – раскажува за идејата Џигер.

1. Дали музиката беше на твоето дневно мени како дете?

Музиката како дете ме опкружуваше, сосема случајно, од сите страни. Прво ќе почнам од тоа што татко ми пушташе: John Lee Hooker, AC DC, Motorhead, Deep Purple и многу блуз и рок. 

Потоа ме слушнале дома моите како пејам и ме пратија на Супер Sвезда и испеав песна што се викаше “Шармер”. Подоцна во 3-то одделение се сеќавам за роденден ми донесоа албум од Metallica – And Justice For All. Тоа ми беше шок и такво нешто немав слушнато до тогаш. Потоа го открив Еминем и како секое дете растено во 2000-те се навлеков. Потоа почна да ме интересира друг вид на рап музика, па стигнав до 2pac. Имаше Хип Хоп Шоп во ТЦ Бисер и се сеќавам ги терав моите да ми купуваат некаква си хип хоп облека: широки фармерки, широки маици, ланци, бандани. А мајка ми беше таква што ми купуваше скоро се. 

Во хип хоп продавницата работеше поранешниот рапер Мустафа (кој растел 2000-ти го познава) и до ден денес сум му благодарен затоа што ми подари неколку рап албуми што ми направија револуција во тој период. 

Потоа во Аеродром, населбата каде што живеам, присуствував на една дружба на таканареченото “Криво Дрво” и еден пријател имаше ЕЛЕКТРИЧНА ГИТАРА СО ПОЈАЧАЛО НА БАТЕРИИ и ја свиреше  “Smеlls Like Teen Spirit”. Тоа за мене беше како да сум видел летачка чинија. Се навлеков многу на рок музика повторно. Исто така имаше емисија на ТВ што се викаше Рок Кафе, и од таму научив многу за музиката. Потоа имав среќа, татко ми да ме однесе на концерти на култни бендови што доаѓаа кај нас. Навистина бев опкружен со музика и култура на дневно мени. Некако сите детски игри си ги спојував со некоја музика. Секако, важно е и тоа што имав преголема среќа да имам голема поддршка од моите родители и роднини, веројатно виделе нешто во мене.

2. Што те натера да избереш тапани како инструмент? Дали можеби некогаш, во минатото си бил посветен на некој друг инструмент?

Тапаните во мојот случај дојдоа многу махинално и ненамерно. До прва година средно свирев на гитара и бев убеден дека ќе бидам многу добар гитарист. Во средно училиште се обидов да се запишам на гитара, но немаше место и не ме примија. Ми рекоа има едно место на ударни инструмент, а јас бев тотално заљубен во музика, како и ден денес па си реков ајде, само да сум во контакт со музиката и се запишав на ударни инструменти во ДМБУЦ. Потоа се сеќавам дека си ја продадов едната гитара за да истетовирам добош. На други инструменти сум посветен и денес, во оваа пандемија, голем дел од времето го користам за свирење на бас, гитара и клавир. 

3. Каква е разликата во твојот развој како музичар, од пубертет, па се до денес?

Како и секој човек што расте со текот на годините така е и со музиката. Нормално е дека имам пораснато музички од тогаш до сега, но музиката е таква што никогаш нема да ја научиш и постојано ќе има нешто што не го знаеш. Илија Пејовски, професор на факултетот, ни кажа на едно предавање “музика не се учи- музика се студира”. Уште сум во пубертет кога се работи за музика. Секое преслушување или создавање на ново дело е нешто ново и невидено. Секој концерт и настап се различни. Музика е жива материја. 

4. Зошто џезот те фасцинира како музичар? 

Конкретно за џез нема да коментирам многу затоа што според мене тоа е музика на многу различна култура од нашата. Што е тоа џез? Секој си го разбира различно и тотално има право. Јас го доживувам како напреден стил на музичко творење. Мене ме фасцинира тоа што за разлика од другите музички жанрови, овде не мора да си во шаблонот. Го доживувам како ROCK & ROLL. 

5. Што и недостига на Македонија кога станува збор за бендови, џез музика, па и конкретно за тапанарите и нивниот музички израз?

На Македонија и недостасува култура пред се. Имаме многу музика кај нас, од многу одамна. Имаме многу бендови. Има бендови што вадат албуми секоја година посебно на алтернативната сцена, меѓутоа тие бендови нема баш кој да ги поддржи. Повторно ќе кажам тоа е се поради културата што ни е на мизерно и ниско ниво. Имаме точно две места за свирење клубски концерти, кои пак го навикнаа народот да се журка само на кавер бендови. 

Кавер бендовите се супер, така се учи музика и мора да ги има. Ова со авторската музика е малку различно, доаѓаш на концерт за да уживаш во музиката на интерпретаторот или да ја поддржиш сцената, а не затоа што е петок или сабота. Како што одите во кино или на театар или на изложба. 

Џез музиката јас ја ставам во алтернативниот кош. Како што напоменав има многу. Морам да го спомнам Гоце Стевковски и З.Џ.М. што секогаш излегувале во пресрет и се борат да ја издигнат таа сцена на повисоко ниво. Ја имаме таа среќа во несреќа, дека сме мала земја, и се знаеме скоро одлично сите меѓу себе. Тапанари во МК има исто така многу, и сите се одлични на свој начин. Но, едно знам – сите сме различни. 

6. Тапанарот во рок група го зазема центарот на сцената и сите се фокусирани на него. Во еден џез-бенд е сосема поинаку. Тапанарот седи во аголот на сцената и ја одржува позадината на сцената како своe поле на игра. Како успеваш да ја пренесеш пораката до останатите членовите на бендот?

Има голема улога во тоа каков е филмот на бендот. Пак ќе напоменам дека џез музика за мене е како и секоја музика. Многу често ми се случувало да седам на страна и додека сум свирел рок или метал, или било каков жанр. Мене ми е подобро кога сум на страна. Пред се, бидејќи имам поголема контрола на звукот, одлична комуникација со публиката и поголема комуникација со останатите во бендот. Исто така, честопати сум се местел на страна поради сценографијата. Конкретно со бендот 3ject иако немаме некој џез призвук, мене ми е многу попријатно да свирам на тој начин. Тројца сме. Плус имаме подобра контрола и комуникација и плус мислиме дека пофраерски изгледа. Се случувало кога се работи за голем состав да биде тапанарот и многу подалеку. Ако е голема сцената и ако немаш добар мониторинг е многу тешко да се одсвири концертот. Затоа имам in ear монитори кои ми завршуваат работа секогаш. Моја препорака драмери – да си земете in ear. (се смее)

6. Како ја дефинираш твојата улога во бендот?

Улогата на еден тапанар е под слична одговорност со сите останати инструменти.  Професорот Алек Секуловски, на првиот час по тапани рече: “тапанот е инструмент што треба да го натераш тој пред тебе да игра”.

Секако улогата е да бидеш што можеш понормален човек психички, посветен, да  можеш да работиш со што повеќе музичари, и на тој начин да го најдеш својот автентичен израз, со текот на годините.

7. Кога станува збор за енергијата, ритамот и тајмингот, како го правиш тоа, имаш ли механизам на кој се потпираш? 

Ритамот е нешто што сите го имаме во себе. Како човечки битија имаме срце  и тоа чука во ритам. Кога се работи за инструмент, секако дека треба да се работи на таа тема. Секој таканаречен успех доаѓа со многу работа и споделување искуства. Ритамот е нешто што се изучува со години и никогаш нема да ги знаеш “сите ритмови”. 

Слушање многу музика, останување до разденување и секако свирење со музичари многу подобри од тебе. 

Тајмингот не зависи само од тапанарот. Тајмингот зависи од цела ритам секција. Според мене тоа е работа што никогаш неможе да биде точно до БПМ. Зависи од тоа како ти се одвивал денот. Има тапанари што влечат напред во темпо и има што влечат назад. Се што може е да работиме на дишењето. Со самата возбуда може да завлечеш напред во темпо. Кога имаме било каква возбуда ни застанува здивот на некоја мили секунда и ја расипуваме работата на срцето, центарот од каде ни доаѓа ритамот. Исто има решение на вежби кои се викаат рудименти и се многу важни за да бидете целосен тапанар. Енергијата не е секогаш иста. Секој настап си бара различна енергија. Повторно ке напоменам. Зависи каков ти бил денот. Но како професионалец кога ке застанеш пре полна публика никој не го интересира каков ти бил денот. Затоа се работи на овој инструмет засекогаш и никогаш нема да го научиш. Поентата е во правиот патот целта ке си дојде затоа што секако патуваш.

Каква е вашата реакција?

Возбудено
5
Среќно
5
Љубов
10
Несигурен/а
0
Смешно
0

‏‏‎ ‎

Next Article:

0 %