АктуелноИзбор на уредникотИнтервју

Ива Дамјановски: децата се бесмртни, а возрасните не се

Како се создаде песната „Дете“
 
Ива Дамјановски е добитник е на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски поетски ракопис во 2017 г. Нејзината стихозбирка „Тие“ е издадена во 2017 година од издавачката куќа Блесок. Во 2020 е издадена и нејзината втора стихозбирка „Двоумење”, за која и е доделена наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата. Поезијата на Дамјановски е преведувана на српски, грчки, хрватски и словенечки јазик.
Таа всушност e млада пијанистка од Скопје. Но, нејзината песна „Дете“ е нешто што одамна вака не одекнало помеѓу македонската публика.
 
Дете
 
Децата не се луѓе.
А луѓето им љубоморат на децата
и затоа ги фаќаат за раче
и им велат:
ова земја е,
ова трева е,
ова гроб е,
ова цвет е,
а ти – дете.
 
Децата не се луѓе.
А луѓето им љубоморат на децата
и затоа ги фаќаат за раче
и им велат:
ова сон е,
ова пластика е,
ова закон е,
ова ред е,
а ти – дете.
 
Децата не се луѓе.
А луѓето им љубоморат на децата
и затоа ги фаќаат за раче
и им велат:
ова телефон е,
ова пари се,
ова војна е,
ова грев е,
ова – светец,
а ти – дете.
 
Децата не се луѓе.
Луѓето им љубоморат на децата
и затоа ги фаќаат за раче
и им велат:
ова рака е
и раката мора да крвави,
да пита,
да копа,
да пишува,
да плете,
раката на секој човек
и на секое дете.
 
Ама децата не се луѓе
и луѓето им љубоморат на децата
бидејќи децата се бесмртни,
а луѓето не се
и затоа ги учат дека
мора да се спие,
да се јаде
и никако да не се оди бос
за да се преживее.
 
И децата веруваат
кога им се вели:
ова смрт е,
ова небо е,
ова свет е,
а ти – само дете.
 
Со сурова љубопитност
растрчаните деца
ненадејно запираат
и иако се раѓаат бесмртни,
учат да умираат.
Ја прашавме Ива како ја создаде „Дете“? Песна што е како активиран вулкан од емоции, нешто што малкумина умеат, песна без задршка, без артифициелност, во крајна линија без грам товар. Она нешто недофатливо, што го поседува поезијата на великани, тоа нешто го држела Ива в рака и ни го даде експлозивно, токму тука, во „Дете“.
Еве што ни раскажа таа за раѓањето на песната:
 
„Дете“ е напишана пред неколку години и не ми беше воопшто предвидена за објавување, не успеа да влезе во мојот избор за дополнетото издание на „Тие“ и иако оние неколкумина што ја имаа прочитано пред да излезе „Двоумење“ имаа позитивни коментари за неа, јас лично сметав дека не е доволно добра. Кога го подготвував изборот за втората збирка и се навратив и ја допишав последната строфа и мислам дека тоа ја направи сета разлика (барем за мене). 
Мислам дека ова е и поврзано со предизвикот кој си го зададов, а тоа е да одговорам комплементарно на содржината и преку стилот, пишувајќи ја песната со едноставни зборови и стил на римување типичен за поезијата наменета за деца. Тука се јавува проблемот на рамнотежата помеѓу возвишеното детско и пејоративното инфантилно, нешто што јас постојано го барам во она што го пишувам, без оглед дали се работи за музика, поезија или проза, а и во себе си. 
Најчесто ги пишувам песните околу некоја многу конкретна идеја или стих; кај „Дете“ тоа беше идејата дека децата се раѓаат сосем чисти, без поим за ништо што е зло, тоа е она што се учи, па мислев дека е интересно ако метафората се пренесе и на самата смртност: „децата се бесмртни, а возрасните не се“ – смртноста и несовршеноста се нешто што се учи, а светот кој го создаваат возрасните често ми изгледа дека се обидува тоа и да го охрабри. Восхитот од детското е дефинитивно тема која се провлекува во „Двоумење“ (многу ми беше драго што ова беше потенцирано во освртот од страна на комисијата на СВП) и има и други песни во кои е очигледна мојата лутина кон заборавањето и негрижата за детското и песимизмот во кој растат децата денес, како што е на пример и „Песна за мирот на барем три јазика“.
Многу ми е драго ако оваа порака допира до читателите, бидејќи сметам дека човештвото нема поважна задача од потполна посветеност на создавање подобар свет што ќе мораат да го наследат идните деца и дека нема ништо повозвишено од тоа да се зачува детскиот поглед, полн со безмилосна љубопитност и едноставна љубов кон светот.

Каква е вашата реакција?

Возбудено
1
Среќно
2
Љубов
6
Несигурен/а
0
Смешно
0

‏‏‎ ‎

Next Article:

0 %