АктуелноИзбор на уредникотИнтервју

Росица Мршиќ: Креациите зборуваат на сопствен јазик

Модниот дизајнер Росица Мршиќ веќе подолго време е дел од македонската модна сцена со своите оригинални и интересни модели. Своето образование го стекнала на Факултетот за визуелна уметност и дизајн во Утрехт, Холандија и на Школата при Уметничкиот институт во Чикаго.
Таа, веќе со години наназад, не изненадува со необични, храбри и целосно автентични дизајнерски парчиња, за што има и бројни номинации и награди, не само во Македонија, туку и во Европа.
 
За модниот дизајн, нејзиниот пристап кон креирањето, таа ни ја кажа својата перспектива.
Вашите парчиња се поетични и многу женствени. Од каде ја црпите инспирацијата?
 
Инспирација се црпи од секојдневието и од личниот интерес и фокус. Мешавина од импулс, љубопитност, барање на нови креативни решенија, будно око и контенплација за да се создаде нова форма, што ќе биде естетски и идејно оправдана, и ќе зборува на сопствениот јазик. 

 

Кои дизајнери ги сметате за учители и што е есенцијата што еден искусен учител во модата може да ги научи своите ученици?
 
 Искуството и знаењето на дизајнерите се стекнува преку години работа и посветеност на себе-откривање, осознавање и поместување на креативните граници, и постојан развој на сопствените вештини. На светско ниво, има неколку дизајнери чија работа ја следам и ме воодушевува.  Мое мислење е  дека секој дизајнер, за да биде во чекор и чекор пред времете во кое твори, мора добро да ја познава историјата на модата и да ја следи работата на дизајнерите низ светот. Дизајнерите чија естетика ја сметам за иновативна, автентична и блиска до мојот сензибилитет се: Dries Van Noten, Roksanda Ilincic, Prada, Marni, Christian Wijnants, Emilia Wickstead, Delpozo, Narcizo Rodrigues, Alessandro dell’Acqua… Најважното учење што еден предавач може да го пренесе и да го поттикне својот ученик е да му помогне да го дефинира сопствениот потпис и естетика на творење, да го мотивира постојано да биде иновативен и да не се потпира на својата комфор зона, будно и љубопитно да пристапува кон се што го опкружува, и да гради професионален и темелен однос кон професијата….
 

 Каков е совршениот крој за вас?

 
Тој на кој се поминуваат часови и часови работа и размислување, и кога ќе се постигне точката каде сите прашања, дилеми, опции и недоумици се разрешени, кројот е совршен и оправдан да  биде создаден…

 

Која е модата што е изворот од каде што протекува вашата креација, што е она што им недостасува или ги кочи македонските дизајнери да блеснат на светската модна сцена?
 
Македонската сцена е релативна млада и според мене недоволно развиена, за да биде атрактивна на глобалната сцена. Тоа што е пречка за многумина дизајнери е недостапноста и ограниченоста за набавка на репро материјали, недостаток од производствени капацитети кои би застанале зад поголеми нарачки, недоволната помош од државата за промовирање на модниот дизајн надвор од нашите граници… Сите скромни чекори на малкумина дизајнери за промоција на македонскиот моден дизајн, се сведуваат на привремени презентации на своите колекции надвор од државата за кои се потребни големи вложувања за да се биде присутен на интернационалната сцена.

 

Кој е процесот креациите на еден моден дизајнер да стигнат во вистински раце и да биде препознаен? 
 
Процесот на промоција на еден бренд, и дизајнерска работа не се случува преку ноќ. За еден бренд да стане препознатлив и да го изгради својот имиџ се потребни неколку години. На светско ниво, новинарите, уредниците, агентите се тие кои ги препознаваат талентите и на тој начин работите стигаат во вистински раце. Кај нас работите се поинакви. Малата и скромна сцена се развива на начин на кој поединецот дизајнер се обраќа директно на своите потенцијални клиенти, и на тој начин нема многу опции за поголема присутност и препознатливост во средината.
Кои се модните куќи што се отворени за соработка со млади, нови или не толку светски етаблирани модни дизајнери?
 
Во рамки на македонската текстилна индустрија во моментов има мал број на модни куќи. Тие најчесто се бават со конфекциско производство  кое главно е наменето за потребите на деловните жени. Мојот став е дека на младите дизајнери им е потребно почетно работно искуство во поголеми производствени системи за да се доближат до индустријата и да стекнат искуство во професијата. И ја поздравувам поголемата соработки помеѓу индустријата и дизајнерите, затоа што тоа придонесува за поквалитетни домашни производи, ја  подигнува свеста за домашниот производ, и ја зајакнува домашната модна сцена.
 
Што би ја посоветувале (од естетски, моден аспект) македонската жена?
 
Стилот и естетиката не е врзан само со облеката и модата. Стилот е личниот избор и став кон се она што го исполнува нашето секојдневие: како го уредуваме домот, како се однесуваме, што јадеме и како го градиме односот со опкружувањето. Облеката и модата се само мал дел од целата приказна. Жена со стил е жена која се познава себе си и на најдобар начин визуелно се претставува, преку внимателно и соодветно избрани модни парчиња и модни додатоци, кои создаваат балансиран, изгладен и рафиниран имиџ.

Каква е вашата реакција?

Возбудено
1
Среќно
0
Љубов
2
Несигурен/а
0
Смешно
0

‏‏‎ ‎

Next Article:

0 %