АктуелноПсихологија

Токсични семејства

Нарушувањата на личноста, иако бараат психијатриски третман, ретко се видливи за надворешната околина. Честопати овие личности дури се и угледни граѓани во општеството. Имаат добра работа, немаат “испади” во психолошка смисла, прават се како и еден најобичен човек. Но, во домот, овие особини се видливи за најблиските, а особено страдаат децата. Сопружниците на овие личности, знаат дека нешто навистина “не е во ред” со нивниот партнер. И тие, како и другите луѓе, биле излажани од “надворешната нормалност” на овие луѓе, па дури и стапиле во брак бидејќи сметале дека “чудниот темперамент” е дел од личноста на нивниот партнер, а не сериозно психолошко нарушување.

Ако во семејство има нарцисоиден систем на вредности, најверојатно децата ќе ги прифатат тие стандарди на однесување заради мешавина од следниве фактори:
 
  • Децата сакаат да ги задоволат своите родители (особено родител со нарушување на личноста, бидејќи родител со таков психолошки проблем, не може да се задоволи со ништо)
  • Малите деца ги гледаат своите родители како сезнаечки Бог (бидејќи овие родители имаат природно отсуство на емпатија тие и не препознаваат дека некое однесување му штети на нивното дете, дури и некој тоа да им го каже, тоа ништо нема да промени, едноставно нема да им биде гајле) 
  • Децата не сакаат да бидат прекорувани и казнувани.
 
Ако родителите се нарцисоидни, веројатно во семејството има ригидна хиерархија, родители со вакви нарушувања се многу насочени кон статусот и достигнувањата (свои, на партнерот и на децата) 
Овие родители, малку е веројатно дека ќе го научат своето дете на сочувство (бидејќи децата учат индиректно, гледајќи ги своите родители), а речиси е невозможно дека некогаш во вакви домови ќе биде наградена емпатијата на детето. 
Кај луѓето со психолошко нарушување на личноста, особено нарцисоидното нарушување, емпатијата се смета за слабост, честопати емпатијата кај децата во вакви семејства е на исклучително високо ниво (заради страдањето што секојдневно го трпат) и неретко, кога ќе пораснат, завршуваат во партнерства со луѓе со исто вакво нарушување бидејќи се пораснати на тој начин и никогаш не спознале љубов во вистинска смисла.
Љубовта е условена: во овој тип на семејство, не постои такво нешто како безрезервна љубов. 
Да се сака безусловно значи да прифатиш човечко суштетство целокупно, комплетно – со сите маани и доблести. Наместо тоа, децата на нарцисоидни родители се чувствуваат сакано само кога им се допаѓаат и им угодуваат на своите родители, во спротивно не се сакани.
Во зависност од подвидот на родителот со нарцисоидно нарушување, така и односот кон детето е различен, но со еднакво ужасни последици. Сите нарциси ги девалвираат или идеализираат (истовремено) своите деца, значи истото дете денес е совршено, а утре е ужасно. 
Но, има разлика како им се “осветуваат” за несовршеноста на своите деца. На пример, малигните нарцисоидни родители уживаат да ја уништуваат самодовербата на своите деца, додека егзибиционистичките нарциси ги ценат високите достигнувања и тие може да ги наградат своите деца со позитивно внимание САМО кога достигнувањата на детето добро се одразуваат на семејството и го зголемуваат угледот на родителите (пример: мора секогаш да се однесуваш перфектно, мора да имаш само петки, мора да освоиш прво место на детскиот натпревар, ако не ги правиш овие работи – ти си ужасно, неодговорно, невоспитано човечко суштество)
Ранливиот (коверт) нарцис како родител се претставува како најдобар пријател на своето дете, а всушност претпочита пасивно- агресивна тактика за да ги контролира, доминира, владее и казнува другите (и своето дете). На пример ова се родители што честопати “не му зборуваат на своето дете” со цел да научи да не прави грешки. Ова се родители што вршат “gaslight” како омилена тактика, гаслајтингот претставува убедување на детето дека нешто не е како што тоа видело, чуло, почувствувало итн. туку е како што родителот вели дека е! 
Ова е родител што честопати е “болен” или “не му е добро” ако детето (и останатите членови на семејството) не прави како што му е наредено. 
Овој родител ги злоставува своите деца на најбрутален и подмолен начин и децата може до крајот на животот да мислат дека нивниот родител бил најдобрата личност што постои, не сфаќајќи дека проблемите што ги имаат како возрасни произлегуваат од долгото психолошко и емотивно злоставување како деца. 
Коверт нарцисите најчесто имаат агресивен партнер (што ги врши нивните “валкани работи”) за тие да останат “светци” во очите на околината, од партнерот се очекува да влезе во конфликт со околината, да ги тортурира децата ако се непослушни и сето тоа коверт нарцисот го изведува многу затскриено со тактики што буквално треба човек да е таен агент, за да сфати, открие. 
Честопати нивниот партнер (иако агресивен или со проблеми на контрола врз импулсите) има емпатија и има многу полесно решлив психолошки проблем од нарцисот, но останувањето во врска со нарцисот, за жал, резултира во целоживотно неработење на себе, не посетуваат терапија и остануваат со (честопати дури и лесно) решлив психолошки проблем. 
Ниту еден нарцис не би сакал да биде во долга врска или брак со некој без емпатија (тие немаат емпатија и потребно им е да се “хранат” од емпатијата на партнерот)
Да се видат двајца нарциси во врска е возможно, но исклучително ретко. 
Едноставно никој нема да обезбедува “душевна храна” и овие врски обично се краткотрајни. 
Најчеста комбинација е на нарцисоиден партнер со емпатичен, но агресивен партнер или партнер со друго психолошко нарушување. 
Коверт нарцисот (и општо нарцисите) не мислат дека имаат психолошки проблем, тие сметаат дека се богови, независно што ковертот гледа дека околината не се согласува со тоа. 
Психолозите честопати упатуваат дека највидливо нарушување на личноста е нарцизмот, ако сте многу внимателни, бидејќи од овие личности ќе слушнете дека другите луѓе се “глупави, не се доволно едуцирани, не знаат ништо, никој не може да ви помогне, се во животот се постигнува сам” и така натаму. 
Коверт (ранливите) нарциси ја совладуваат микроагресијата. По дефиниција, нарцисоидната личност е компетитивна, завидлива и склона кон непријателски напади. 
За разлика од очигледната агресија на класичниот нарцис, ранливиот нарцис како родител користи микроагресии преправени како надзор, замерки, хумор (сарказам), навидум помош или грижливост. 
За детето овој третман создава многу поужасна атмосфера за живеење (иако невидлива за надворешниот свет) од децата што имаат агресивни родители (проблеми со контрола на импулси), зависници или родители со биполарно растројство. 
Тоа е така бидејќи за надворешната околина (поширокото семејство) овие, горенаведени нарушувања се видливи, па и разбирањето и поддршката се возможни. 
Децата со нарцисоидни родители се оставени сами на себе, бидејќи околината смета дека нивните семејства се “совршени”. Само терапевт или обучен социјален работник, може да ја открие вистинската атмосфера во која растат овие дечиња.
 

Каква е вашата реакција?

Возбудено
0
Среќно
0
Љубов
0
Несигурен/а
1
Смешно
0

‏‏‎ ‎

Next Article:

0 %