АктуелноИзбор на уредникотИнтервјуФилм

Повеќето луѓе не се психопати, напротив, сакаат да излезат од вителот, но и да не ги повредат останатите.

Повеќето луѓе не се психопати, напротив, сакаат да излезат од вителот, но и да не ги повредат останатите.
 
Иако поминаа неколку години, македонската публика, со радост го очекува да го гледа и на телевизиските програми. Последен пат се прикажуваше за оваа Нова година, а вљубениците во филмот не ја пропуштија шансата пак да го впијат ова филмско дело.
 
За филмот “Исцелител” не зборуваа само македонските медиуми и не остана само во срцето на македонската публика. За филмот, објавија рецензии и светските филмски медиуми, како „Холивуд репортер“, „Варајети“, „Синеуропа“ и други.
Најголемиот шарм на филмот Исцелител” се непретенциозноста и искреноста, филм што балансира меѓу семејна драма, црна комедија и социјален коментар. Публиката вистински го сака, го дочека со овации и воодушевување на премиерата на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, а не беше помалку прифатен и на Солунскиот филмски фестивал, каде што ја доби наградата Фишер од публиката, прва награда од ваков тип, за македонски филм.
Мотивацијата за да го сними овој филм е страшната состојба на македонскиот здравствен систем, премрежјата на еден млад човек што се обидува да го спаси својот родител од рак, барајќи алтернативни методи на лекување со канабис, при што влегува во низа неволји со локалните дилери и соседите што започнуваат да го сметаат за “исцелител”.
Со Ѓорче зборувавме за создавањето на филмот. За неговите премрежја, како режисер, сценарист и продуцент, да го донесе ова филмско дело пред македонската публика.
 
Што е она што “Исцелител” го направи толку посебен за македонската публика па посетеноста беше во толку голем број?
 
Не сум сигурен дали беше една работа. Веројатно спој на повеќе. Прво филмот зборува за обичниот човек кој се мачи со проблеми како распаднатото здравство, корупцијата и криминалот, почувствувани од повеќето луѓе кои живеат на овие диви простори. Дополнително, главниот јунак се обидува да излезе од тој негов лавиринт на еден мирољубив начин, без да повреди никого, што исто резонира со гледачите. Иако се растргнати со проблемите што ги имаат, а насилството понекогаш изгледа како ефикасен начин на решавање на проблемите, повеќето луѓе не се психопати, напротив, сакаат да излезат од вителот, но и да не ги повредат останатите. И на крај, за гледаноста дополнително беше клучна семејната приказна. Кој човек нема нешто да раскаже за своето семејство?
 
Што ти падна најтешко во врска со создавањето на филмот?
 
Изгледаше како да нема крај. Во стил на познатиот парадокс на Зенон, се чувствував како филмот да тргнал неколку стотина метри пред мене, а јас иако сум побрз, во моментот кога ќе стигнам до точката каде што тој се наоѓаше претходно, сфаќам дека тој поминал некакво мало растојание и сега не ми е на дофат. Потоа повторно ќе дадам сè од себе и навидум брзо ќе ја надоместам неговата предност, меѓутоа кога ќе стигнам таму каде беше пред малку, гледам дека сепак филмот се поместил уште една педа и така до недоглед. Како режисер и продуцент на филмот, најголемиот товар, финансиски и креативен падна на мојот грб. Јас бев гарантот на филмот, осигурителната полиса и не можев во ниеден миг да исчезнам од неговиот живот. Тоа ме истроши.
 
 
Што ти беше најубавиот момент во врска со филмот?
 
Моментот кога заврши снимањето на филмот за мене беше најубавиот момент од целиот процес. Многу се плашев од снимањето. Години пред да ја удриме првата клапа, ми го земаше сонот. Тоа е толку деликатен и комплициран потфат и многу нешта може да скршнат во погрешна насока. Прво, многу е скапо и тешко да се придвижи целата машинерија наречена снимање на игран филм. И кога ќе тргне, за жал, колку и да се добри подготовките, не зависи сè од тебе. Може да не се погодат временските прилики, може да се случат технички проблеми, здравствени, секакви. За среќа сè помина во најдобар можен ред и јас бев пресреќен.
На што се должат многубројните награди во светот? Постои ли формула за да се создаде успешно филмско дело?
 
Не мислам дека има формула. Често го гледаме тоа во Холивуд. И покрај нивниот шаблонски начин на раскажување кој би требало да предвиди успех, често се случува некој филм неочекувано да блесне иако никој не му давал сериозни шанси на почетокот. И обратно, постојат бројни филмови кои на хартија ветуваат успех заради нивниот избор на актери, големиот буџет и поддршката од големите дистрибуциски студија, а сепак филмот доживува неуспех на крај.
Што те инспирираше да го снимиш филмот? Сметаш ли дека филмот има социјален импакт кога станува збор за лекувањето со канабис, во смисла менување на свеста кај јавноста во однос на растението?
 
Инспирација ми беше животот кој го гледав околу мене. На пример се мачев со сериозни стомачни проблеми со месеци и движејќи се низ институциите јасно го видов распадот на македонското здравство. И тоа ме заболе. Носам и семејни лузни, израснат со самохрана мајка која се бореше со сиромаштијата, неправдите и патријархалното балканско размислување и тоа беше основата за семејната драма меѓу синот и таткото. Во однос на второто прашање, да бидам искрен не сум сигурен колку филмот ја смени перцепцијата за користењето на марихуаната. Знам неколку пријатели кои ми пренесоа дека филмот дефинитивно го сменил односот на нивните постари родители. Можеби поради хуморот и лесниот пристап, по гледањето на филмот тие веќе не гледаат осудувачки кон корисниците на марихуана. Еден другар дури ми спомна дека татко му се осмелил да проба џоинт на некоја домашна забава и убаво си поминал, се смеел и играл цела вечер.
Дали успехот на “Исцелител” ти отвори врати за полесно остварување на идни проекти?
 
Успехот има позитивни, но и негативни ефекти. Можам полесно да најдам пари, меѓутоа сум во зона на внимание. Очекувањата знаат да натежнат и да бидат дополнителен проблем. Со „Исцелител“ делував под радар да речам. Бев ослободен од големи очекувања. Сега очите се свртени кон мене и тоа ми пречи.
 
Дали нешто му недостига на македонскиот филм?
 
Би сакал да видам повеќе средства за развој на сценарија. Во оваа земја режисерите и сценаристите се принудени да работат друго за да преживеат. Веројатно како и повеќето. Меѓутоа има побарување за приказни. Сведоци сме на наплив млади режисери, кои имаат што да кажат, со свежи и храбри приказни кои освојуваат успеси на светските фестивали. Убаво би било да се искористи целиот тој успех и да се вложи таму кај што е најпотребно: во генерирање на идеи за филмови. Се надевам ќе се сменат работите и ќе се создаде издвоен буџет за развој на филмови. 
 
Ни спремаш ли нешто ново?
 
Да. Еден долг филм, еден краток и многу фотографии. Очекувајте ме.

Каква е вашата реакција?

Возбудено
0
Среќно
1
Љубов
0
Несигурен/а
0
Смешно
0

Можеби ви се допаѓа

‏‏‎ ‎