Вежбање

Jога и медитација и нивна поврзаност

Јогата и медитацијата се меѓусебно поврзани. Со нивно редовно и посветено практикување се достигнува состојба на хармонија помеѓу телото и умот. Се подобрува здравјето кај човекот на физичко, ментално и на спиритуално ниво.
Во индиската традиција, од каде што јогата и потекнува, таа е повеќе од физичка практика и има медитативно и духовно јадро. 
Во јогата положбите на телото (јога-пози) се нарекуваат асани. Асаните се одличен начин да се подготви телото за медитација. Тие се дизајнирани за систематско подготвување на телото за медитација. Во денешно време врската на медитацијата со јогата се’ поретко се споменува и се обрнува повеќе внимание на физичкиот аспект.
Медитацијата не е лесна за поголемиот дел од луѓето и поголемиот број од нив откриваат дека медитацијата е потешка од што можеле да замислат.
 
Но, колку тешко би можело да биде?
Да, кога седиме исправено и мирно подолго време, може да се почувствуваме прилично непријатно. Седењето исправено со прав грб бара активација на мускули кои можеби не ги користиме доволно и потребно е време за нивен развој. Преку изведување на асаните помагаме да се насочи енергијата во ‘рбетот и нагоре кон мозокот, кон повисоките чакри, да се разбуди и подигне нашата свест. Самата јога, ако се практикува редовно и посветено, претставува медитација во движење. Асаните се изведуваат со потполна концентрација и свесност. Целото внимание е насочено навнатре кон себе, кон секој здив. Влегувањето и излегувањето од асаните е исто толку важно колку и самата асана. Во јогата го синхронизираме движењето со здивот, дишењето. Секој здив е важен и му дозволуваме на дишењето да го води телото.
 
Кога здивот ќе го успориме, продолжиме и ќе го поврземе со движењето – стануваме смирени. Доаѓаме поблиску до една цел. Го задржуваме вниманието на сегашниот момент. Преку праксата ги зајакнуваме телото како и свеста, се подготвуваме за медитација.
Како што тече здивот, така се движи умот. Со јога и со медитација ја подигнуваме нашата свест на повисоко ниво. Јогата ни помага да го доведеме телото до точка на мирување со расчистување на немирната енергија што ја носиме наоколу и не’ подготвува да запловиме во длабока концентрација, медитација.
Медитацијата е една од осумте гранки на јогата и тие одат рака подрака. Често се користи за расчистување на умот, ослободување од многубројни здравствени проблеми како што се висок крвен притисок, депресија, анксиозност. Може да се практикува во седечка положба: поза на лотос, турско седење или на колена, со дланките на колена или поставени под папокот. 
Mедитацијата има смирувачки ефект и ја насочува будноста навнатре додека не се постигне здрава свест што е опишана како:
– Да се биде буден однатре, без да се биде свесен за што било друго.
Намасте!
 
Марина Стојкоска
Сертифициран учител по јога

Каква е вашата реакција?

Возбудено
0
Среќно
2
Љубов
2
Несигурен/а
0
Смешно
0

Можеби ви се допаѓа

‏‏‎ ‎