АктуелноИзбор на уредникотКаскадер

Ja имав таа привилегијата да учам од тоа слепо животинче

Пишува: Мери Јордановска
 
Често ние членовите за заштита на бездомните животни знаеме да бидеме престроги кога станува збор за купување домашни миленици, па дури и да претераме со инсистирањата да се посвои куче или маче. Но, со текот на годините сфатив дека тоа не може да се наметне како одреден стандард, ниту како правило, а последната случка и ми докажа дека некогаш животните нè бираат нас, а не ние нив. 
Како да ни се појавуваат пред очи и во моментот кога ќе ги земеме в раце, да знаеме: „Не те давам никому, не те оставам“. Без разлика дали миленикот е расно куче или маче, дали има хендикеп, каква е неговата боја на крзното. Едноставно, знаеме.
Баш така се случи Тајсон во мојот живот. Маченце од 300 грама застанато пред гаражата на моите родители, стуткано во ќошот, исплашено, како да го носи сиот терет на светот. Пробав да му се доближам, но толку испаничено побегна, удирајќи се од ѕидови и туркајќи се во моторот од најблискиот автомобил. Веднаш забележав дека ова мало кревко суштестество не гледа и дека има тешка инфекција на очите. Истрчав до аптека да купам маст и кога се вратив, токму во автомобилот каде што беше скриен, влегуваше човек за да го запали. 
„Застанетееее, ве молам не ја палете колата, имате маченце во моторот“, свикав.
Човекот нервозно излезе од автомобилот, ја отвори хаубата, го грабна мачето и буквално го фрли на улицата, како да е смет кој му ја извалкал колата. Тогаш следуваше уште получасовно бркање по улицата. 
 
Го фатив и го погледнав мачето, но тоа не можеше. Очите му беа комплетно затворени, инфицирани, не знаеше на каде да се движи, паѓаше. И во тој момент знаев дека никогаш нема да го оставам. Го однесов во ветеринарната станица и реакцијата на д-р Ивица не беше најоптимистична. „Ќе гледаме да му го спасиме барем едното око“. 
Ветеринар, инекции, дома, ветеринар, инекции, дома, секој ден. Тајсон ниту еднаш не пушти глас. Не замјаука. Не мјаука дури ни сега, пет месеци подоцна.
Едното око мораше да му се отстрани комплетно, откако инфекцијата се прошири и постоеше опасност да стигне до мозокот. Во очите имаше конци, а во моите очи само солзи кога дојдов да го земам од ветеринар, а тој се залепи за мене, како да сум му последната трошка надеж. 
„Дали барем нешто гледа со другото око?“, прашав. 
„Да, но само некои сенки“, ми одговори ветеринарот. 
Дојдов дома, го гушкав силно и без престан плачев. Никогаш сум немала контакт со слепо животинче. И токму во месеците кога коронавирусот земаше залет, јас ја имав привилегијата да учам од тоа слепо животинче, поминувајќи цели денови со него. 
Тој сепак е среќен. Тој се радува кога ќе види сенка и игра со неа, како да е играчка. Се радува кога ќе ги чуе птиците надвор, па пушта чудни звуци – иако не ги гледа, тој воспоставува контакт. Тајсон нè смее. Знае да се качи по скалите од галеријата во станот, но никако не знае да се симне, па должни сме по цели денови да изигруваме „таксисти“, симнувајќи го, а тој преде во знак на благодарност. Процес беше додека да го научи станот, па поминаа можеби два месеци и се навикнавме кога ќе слушнеме јак звук – знаевме дека Тајсон си ја удира главата од нешто, играјќи си и не гледајќи ја препреката пред него. Сега не се ни обидуваме да направиме разместување во станот, бидејќи тој знае точно сè каде се наоѓа, па страв ни е дека секоја промена ќе носи нови „потреси на мозок“. Понекогаш тоа ни делува и смешно, бидејќи знае да се удри од фрижидерот, фотелјата, радијаторот, толку силно, што и мене ме здоболува, а тој продолжува да си игра, како ништо да не било.
Не гледа, па затоа останатите сетила му се поразвиени. Реагира бурно на секој звук и морам да признаам дека во животов не сум слушнала мачка да преде толку гласно. 
Фасцинантно е да се гледа едно слепо маче како расте и како нè учи – дека живите суштества можат да се приспособат на секоја ситуација и притоа да бидат благодарни што се живи и сакани. Тајсон можеби не гледа, но нас нè научи да ги гледаме работите со поинакви очи. И кога ќе ме погледне, секогаш имам чувство како да ми намига, со поглед кој вели, „гледаш дека сè може да биде во ред“. 

Каква е вашата реакција?

Возбудено
1
Среќно
5
Љубов
12
Несигурен/а
1
Смешно
1

‏‏‎ ‎

Next Article:

0 %